Убавината на животот е во малите нешта кои како бисери се нижат на ѓерданот на радоста. Побарај и ќе се изненадиш колку малку труд е потребно за да пронајдеш бисер со кој ќе го закитиш својот ѓердан.
Бисерниот ѓердан со кој ние се закитивме пред повеќе од седум години, од моментот кога одлучивме урбаниот живот во главниот град да го замениме со рурална средина, гордо го носиме околу нашиот врат.
Како птици преселници, го собравме своето мало јато и одлетавме кон тој нов свет, кон таа нова димензија која отсекогаш предизвикуваше воодушевување при нашата посета на прекрасното Берово и Малешевија.
Колку повеќе чекоревме, дотолку растеше нашиот восхит, возбуда и радост. Радоста зрачеше од секоја честица во воздухот, од секоја капка изворска вода, од под секој камен, од песната на птиците, од звукот на шумолењето на шумите, од зелените пространи ливади и мирисот на свежо косената трева, од прекрасната глетка на стадата што се белеат и мелодијата на кавалот, од погледот на стариот чардак, од скокотот на стариот исткаен волнен килим, од мирисот на печената црвена пиперка, од жолтата препеченица, од полномасното овчо сирење кое додека ти минува низ грло остава незаборавен вкус, од мирисот на топлото лепче штотуку извадено од фурна, од печениот компир запретан во пепел и жар, од едноставноста, простодушноста и добронамерноста на луѓето, од мирот и спокојот кои ти ја галат душата...
Посебно е чувството да ја имаш таа чест да бидеш дел од оваа еколошки чиста и здрава животна средина, во која овошјето има посебен вкус, билките кога ќе се наведнеш да ги собереш ти се смеат, воздухот при секоја твоја прошетка несебично ти ги исполнува градите, чиниш ќе препукнеш од здравје и свежина.
Исполнети со овие силни емоции, прекрасниот амбиент и уникатното доживување во овој крај кој изобилува со ретки природни убавини и ресурси, добивме поттик ова го да пренесеме и на останатите луѓе преку производите кои ги создадовме со огромна љубов, а чии состојки сами ги собираме од најчистите пределе на Малешевијата.
Кај да одам, ако Ти не ме водиш?
По патот кој ме носи кон домот!